Претставен новиот XCeed во салонот на Kia во Скопје!
На гала вечер, со многу гости, беше претставен пред македонската публика новиот SUV на KIA – Xceed.
Основата на XCeed е добиена од последната генерација на добро познатиот хеџбек – Ceed и тука завршуваат сите сличности. Димензиите се поголеми, поголемо меѓуоскино растојаније, и според нас фантастичен дизајн, како однадвор, така и во внатрешноста.

Со бројни т.н. кросовер елементи, новиот XCeed изгледа поробусно, помоќно и подготвено за предизвиците кои му предлежат. На предницата се истакнуваат големите предни решетки кои се вклопуваат во агресивниот дизајн кој го наложуваат снопот на ЛЕД светлата.
На задниот дел, гордо е испишано X Ceed помеѓу ЛЕД светлата. Целиот дизајн е надополнет со неколку елементи на пластика со хромиран ефект на отворите за издув, додека целокупната визуелна слика е брилијантно завршена со самата странична контура на возилото.

Внатрешноста, би рекле е одлично вклопена со интересни детали кои добро го пренесуваат надворешниот дизајн и бојата на самото возило. Во основната опрема која ќе се нуди на нашите пазари доаѓа 8 инчниот екран на допир со Android Auto и Apple CarPlay, кожен волан и менувач, темпомат и ред други работи кои гласно кажуваат – Одлична вредност за пари!

Од мотори, во понуда се 1.0 T-GDi и 1.4 T-GDi бензински мотори со 120 и 140 коњски сили, додека во дизел понудата единствен е познатиот 1.6 CRDi мотор со 136 коњски сили.
Цената започнува од 18 550 евра за основната верзија со 1.0 T-GDi мотор.
Сѐ на сѐ, одлично возило кое нас не импресионираше. Останува да видиме како ќе биде за возење кога ќе го добиеме на тест.