Лада 4×4 – подмладен за новата деценија
Рускиот АвтоВАЗ претстави освежена верзија на својот убедливо најстар актуелен производ, теренецот кој веќе повеќе од четири децении речиси непроменет се бори со пречките кои природата може да ги постави пред него. Станува збор за моделот 4х4, до неодамна познат под името Нива, и како таков неретка глетка на нашите улици, сокаци, полиња, потоци, шуми и секакви останати човечки и географски формации.
Немојте премногу да се надевате кога кажуваме дека станува збор за освежен модел, бидејќи освежен во овој случај сеуште е далеку од свеж. Екстериерот сеуште изгледа како на четиригодишно дете да сте му рекле „Сине, нацртај џипче“ и не располага со никакви нови технологии и луксузи во однос на претходните верзии. Формата ја следи функцијата, а функцијата на 4х4 не е сменета од ‘77ма, па зошто би се сменила формата?
Најголемите промени се настанати во енетриерот, пред се со цел да се зголеми удобноста. Повторно, не се надевајте на премногу, бидејќи се работи за зголемување од „многу малку“ на „едвај повеќе“, а не на трансформација во руски Range Rover. Шалт-таблата е целосно редизајнирана, и со тоа е подготвена во 2020 година да влезе изгледајќи како конзервативен дизајн од 2002. Новите удобности кои 4х4 ги нуди се, пред се, клима уред (мануелни контроли, една зона… се разбира ништо повеќе), два електрични приклучоци од 12V, повеќе простор во касетата, пар држачи за чаши и редизајнирани седишта кои нудат повеќе странична поддршка. Нивото на опременост на 4х4 најдобро го доловува фактот дека возилото дури сега добива наслони за глава на задната клупа.

Моторот останува непроменет и се работи за четирицилиндричен бензинец со запремнина од 1,7 литри и моќност од 83 коњски сили, што со големи маки му озвозможува на возилото до 100 километри на час да стигне за седумнаесет секунди и да надмине максимална брзина од 142 километри на час. Менувачот и погонот на сите четири тркала исто така се непроменети и се целосно механички, контролирани преку трите рачки на централниот тунел во возилото.

Дали сме разочарани од тоа што промените не се позначителни? Воопшто! Да, сеуште станува збор за неудобно и бавно возило со досаден дизајн, но исто така станува збор за возило кое е ефтино и едноставно за одржување, возило кое во теренски услови надминува се и возило на кое не ни има што да се расипе додека скока од камен на камен, возило кое без размислување ќе го втерате во шума и нема да се прашувате дали некој трн ќе ја изгребе неговата фарба. АвтоВАЗ само малку го подобри рецептот за еден од најспособните теренци на пазарот, и тоа е сосема доволно. Не го претворија во помодарски хечбек со теренски претензии, дизајниран да ги исполни потребните на младите семејства или на разгалените тинејџери. 4х4 остана доследен на своите корени и остана совршено прикладен за својата намена. За останатите намени ниту се труди ниту има потреба а биде и никој не се обидува да ве излаже дека е.