Audi го претставија новиот A3 Sportback!

Audi за прв пат настапи во премиум компактната класа со првата генерација на A3 во 1996. Сите генерации беа поуспешни од претходната, со последната, 3та генерација позицијата на A3 помеѓу легендите е гарантирана. Зошто? Списанието Top Gear го прогласија ентериерот на A3 (8V 2012-2020) за најдобар ентериер на 21виот век. Со оваа констатација ние потполно се согласуваме. Безвременски дизајн, практичност и врвен квалитет на материјали кои траат. Надополнето со одличните возни карактеристики и шасија направена за ентузијасти, досегашната генерација на A3 за нас претставува едно од омилените возила. Па затоа, новиот A3, или како што Audi го нарекува – A3 4.0 има високи стандарди кои треба да ги исполни.

Четвртата генерација на Audi A3 доаѓа полн со технологија. Целосна дигитализација, конективност, нагласени спортски елементи и прогресивен дизајн со многу иновации кои досега ги гледавме само во високите класи на возила.

Дистинктивност – Дизајн

Компактните пропорции на A3 Sportback го нагласуваат неговиот спортски карактер. Зголемената Singleframe решетка на браникот и големите отвори за воздух во предниот дел го акцентираат динамичкиот дух на овој премиум компактен автомобил. Силуетата ја добиваме од брилијантно скулптурираната линија која се движи од предните до задните светла преку целата должина на хечбекот, со контурата под неа извајана навнатре. Навидум едноставна изработка со голем ефект. Спортски е првиот збор што ви доаѓа на памет уште при првиот поглед.

Дигиталните дневни светла на Matrix LED фаровите претставуваат дополнителна иновација. Конзистирани од сноп на пиксели поставени во форма на 3 по 5 LED сегменти, го прават A3 веднаш препознатлив.

Спортскиот и софистициран дизајн е пренесен во внатрешноста. Комплетно нова конзола, инструмент табла и менувач. Комплетно дигитално. Фокусирано на возачот.

Зад воланот се наоѓа надградениот Virtual Cockpit од 12 инчи, кој според сите карактеристики се наоѓа во самиот врв помеѓу останатите. Екранот за инфозабава кој излегуваше од централната конзола во претходната генерација, сега е заменет со 10 инчен екран кој е централно поставен и одлично вклопен во севкупно футуристичкиот спортски дизајн. Под централната конзола е рачката од менувачот, комплетно од алуминиум и карбонски детали за целосно искуство. Седиштата се пријатни и за седење и кон природата поради рециклираните материјали од кои се составени и обложени со стилски контрастни шевови.

Софистицираност – Мотори

Новиот Audi A3 Sportback иницијално по лансирањето ќе биде достапен со избор помеѓу 3 мотори – 1.5 TFSI со 150 коњски сили, 2.0 TDI со 116 или 150 коњски сили.

Сите мотори се импресивни со моќен вртежен момент и севкупни карактеристики, како економичност и одржливост. Потрошувачката на 1.5 TFSI бензинскиот мотор е 5,1 литри гориво на 100 километри, додека кај дизелите, потрошувачката изнесува 3,5 за 2.0 TDI со 116 коњски сили и 3,9 за 2.0 TDI со 150 коњски сили. Импресивно.

Преносот се одвива преку мануелниот 6 степен менувач или автоматскиот седум брзински S-Tronic, кој доаѓа со спортски селектор. Audi најавуваат дека веднаш по лансирањето на A3 на пазарот ќе бидат претставени quattro и S верзиите за вистинските љубители.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *