Audi S8 – Најновиот член во редот на тевтонските витези

Кога Audi пред две години го претстави новиот А8 и публиката и експертите беа пријатно изненадени од новиот модел. Иако А8, и неговиот претходник V8, веќе три децении се обидуваа да ги предизвикаат S-класата на Mercedes и серијата 7 на BMW, до тој момент моделите со четири прстени го претставуваа алтернативниот избор, но не и вистинска закана за поискусните играчи во класата. Отсекогаш познати по извонредната изработка на ентериерите која успевала да се истакне дури и во високата класа, по отмено дискретниот дизајн и по речиси се друго што се бара од голема директорска лимузина, претходните генерации на А8 не успеваа да се истакнат на врвот на класата од само една причина. Quattro архитектурата со фокус на предните тркала која ја претставува основата на сите поголеми модели на Audi едноставно претставуваше преголем компромис во однос на архитектурите на заден погон на соперниците. Освен за снег и дожд, погонот на сите четири тркала за големото Audi претствуваше Ахилова пета, која не му ја дозволуваше агилноста и осетливоста во управувањето по која BMW се прослави, а обидот агилноста да се подобри резултираше со крута суспензија која му ја одзема удобноста која ја бараат купувачите навикнати на Mercedes S-класа.

Но најновата генерација успеа да го направи тоа што веќе никој не го очекуваше од Audi, да ја понуди можеби најдобрата шасија во класата. Со активната суспензија која со помош на радари и камери ги предвидува нерамнините на патот и се подготвува оптимално да ги дочека (систем речиси идентичен со тој кој го користи последната генерација на S-класата, но како понов, системот на А8 претставува напредок во однос на конкурентот), вртење со помош на задните тркала кое на голема брзина помага во стабилноста, а на мала брзина помага во агилноста, и подиректно управување кое, иако не може да се споредува со тоа во спортски автомобил, на возачот му дава уживање во управувањето на сосема прифатливо ниво за копнена јахта која тежи над два тони.

Покрај тоа, А8 ги исполни сите други задачи кои успешно ги вршеше и претходно и со тоа се произведе во целосен пакет кој на возачот и на патниците им понуди се што им треба и го сакаат, па дури и повеќе од тоа што може да замислат. Освен личните преференци, веќе не постоеше објективна причина купувачите да не го изберат токму А8. Освен една.

Последните две години А8 се нуди само со два мотори, еден бензински и еден дизелски, и двата во V6 конфигурација и со запремнина од 3.0 литри. Бензинецот со моќност од 340 коњски сили и дизелот со моќност од 284 коњски сили се сосема доволни да го придвижат А8, но забрзувњето од нешто помалку од шест секунди до 100 километри на час е далеку од молскавично. И меѓу конкурентите најпродаваните модели се придвижувани токму од вакви мотори и нудат слични перформанси, но понудата на S-класата и серијата 7 за попребирливите купувачи сепак вклучува и низа на моќни V8 и V12 мотори, со моќност која во некои случаи надминува и 600 коњски сили, а брзината од 100 километри на час ја постигнуваат за помалку од четири секунди. Да, на лимузините од оваа категорија тие перформанси не им се неопходни, но на највисоките скалила веќе не е битно што ви е неопходно, туку што е најдоброто, најмоќното, па и најскапото, што може да го купите. Но Audi немаше што да им понуди на купувачите кои го сакаа тоа нешто повеќе.

Се до сега. Со претставувањето на S8, и Audi го доби својот спринтерски шампион, пандан на AMG и Alpina верзиите на останатите тевтонски тешкаши. Од V8 моторот со 4.0 литри запремнина S8 добива 571 коњска сила и 800 њутнметри вртежен момент, со што „стотката“ ја освојува за само 3,8 секунди. Но и претходните генерации на А8 нудеа и S8 изведба која немаше потешкотии со забрзувањето, а сепак не успеваа да се наметнат на купувачите и, особено, на ентузијастите. Епа тука се враќаме на усовршената шасија на последната генерација и конечно сите коцки се склопуваат за да се добие совршеното возило.

Да, можеби меѓу останатите луксузни салони на VW групацијата Bentley Flying Spur е малку полуксузен, а Porsche Panamera малку повозбудлива, но како златна средина помеѓу двете S8 претставува навистина способно и сестрано возило. Но не е битно како се споредува со индиректните конкуренти од своето семејство, туку со директните конкуренти од ривалските династии.

Време е Mercedes и BMW да се загрижат и добро да се замислат какви ќе бидат новите генерации на S-класата и серијата 7, бидејќи нивната позиција веќе воопшто не е сигурна. Можеби дури и веќе е изгубена, па за прв пат не треба да мислат како да ја заштитат, туку како повторно да ја освојат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *