Koenigsegg Gemera – Мега практичен, мега автомобил.

Замислете да имате доволно пари да купите некој од најскапите и најбрзите автомобили на светот. Сигурно ќе сакате да се пофалите некому и да го свртите едно кругче! Досега во автомобилите на највисоките ешалони на цена и перформанси, покрај возачот, има место само за еден патник (и во случајот на McLaren F1, двајца), но Koengisegg конечно претстави автомобил кој во таа категорија нуди четири седишта. 

Во последно време производителите на автомобили често се расфрлаат со изрази како supercar, hypercar и така натаму, па може да е тешко да се утврди што тоа точно значи. Koenigsegg беа исклучителни јасни кога го претставија моделот Regera и од тогаш почнаа своите автомобили да ги нарекуваат Megacars. Мега во овој израз се однесува на моќноста која надминува еден мегават, односно 1.360 коњски сили. Gemera дефинитивно го исполува условот за оваа дефиниција.  

Хибридниот систем кој го придвижува возилото се состои од еден трицилиндричен мотор со внатрешно согорување од 608 коњски сили, два електромотори од по 507 коњски сили и трет електромотор од 406 коњски сили. Доколку сте брзи со математиката, веројатно веќе заклучивте дека станува збор за автомобил со повеќе од 2.000 коњски сили, но не е баш така. Вкупната моќност на системот е помала од збирот на поединечните мотори, и изнесува „само“ 1.724 коњски сили. А вртежниот момент… 3500 њутнметри. Забрзувњето од 0-100 km/h 1,9 секунди, а максималната брзина надминува 400 km/h. 

Но не се перформансите тоа што го прават Gemera уникатен. Можеби не се честа појава, но други автомобили со перформанси на тоа ниво веќе постојат. Тоа што го прави уникатен е практичноста, односно просторот за комотно да се сместат четири патници, безжични полначи за два мобилни телефони, телевизорче позади за кога патувате со малите… и автономија од 1.000 километри. Единствената пречка на тоа семејство да се смести во овој мегаавтомобил и да тргне на далечен пат е ограничениот багажен простор. 

А можеби семејството кое ги има парите да ја плати цената на Gemera (која сеуште не е објавена, но можеме да претпоставуваме) нема да се мачи да се пакува за на пат, туку на својата дестинација ќе си купи се што му е потребно. А до таму ќе пристигне со едно од најимпресивните возила на денешницата. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *