Mercedes-Maybach GLS600 – за вкусови не се расправа

Со цел да има барем малку повеќе мир на земјата, некој заклучил дека за вкусовите не треба да се расправа, и до некаде се согласуваме. Но за невкусот? Е за невкусот ќе дискутираме.

Во историјата на автомобилизмот се имаат појавено многу чудни возила, возила кои отстапувале од вообичаеното, возила кои по добро или лошо привлекувале поеќе внимание отколку што треба. И тоа е во ред. Секое од тие возила си нашло купувач на кој му било по вкус и кој сметал дека токму тоа е тоа што му треба. Нема да дискутираме понатаму.

Но луксузната под-марка на Mercedes, Mercedes-Maybach, неодамна претстави возило кое толку очајно се труди на светот да му го разгласи богатството на неговиот сопственик што веќе не можеме да се криеме зад поговрката од насловот и да избегнуваме дискусија, туку мора да се запрашаме „Што ли си мислеле кога го дизајнирале ова… чудовиште“. Одговорот е едноставен, си мислеле дека во светот има доволно муштерии со доволно длабоки џебови и доволно малку вкус за ова возило да биде исплатливо. Но, да не навлегуваме во политички и социо-економски дискусии, време е да прејдеме на самото возило.

Основата на Mercedes-Maybach GLS600 е неодамна претставената трета генерација на GLS (или GL) класата на Mercedes, огромен семеен теренец со простор за седум патници и огромен багажен простор. Возило кое може цело едно семејство да однесе на одмор во било какви услови, и теренски и временски. Иако речиси секој теренец со цена над 100 илјади евра кој над 90% од времето го поминува на градскиот асфалт го доведува во прашање добриот вкус на неговиот сопственик, GLS во своите основни верзии навистина нуди многу функционалност и практичност и можеме да разбереме зошто некој купувач би го избрал тоа возило за потребите на своето семејство.

Но тогаш Maybach го зграпчи GLS и почна да си игра со него. Практичноста ја жртвуваше за петте седишта од вториот и третиот ред да се заменат со две огромни фотелји кои на два патници им обебедуваат удобност каква ретко кој друг автомобил може да понуди. Околу фотелјите патниците се затрупани со други технологии и удобности, вклучувајќи ладилници, држачи за шампањски чаши (да, да, особено шампањски… не зборуваме за обична вдлабнатита каде што може да оставите обична хартиена чашка или пластично шише, туку држачи кои нежно го придржуваат дното на сребрена чаша за шампањ… со изгравирано Maybach лого се разбира), разглас со повеќе звучници од некои концертни бини и така натаму. Ентериерот всушност е одлично осмислен за потребите на најразгалените патници и не се разликува многу од тој на другиот модел на Mercedеs-Maybach, а тоа е S-класата. Но додека S-класата отсекогаш била дизајнирана како возило за максимална удобност, GLS е првенствено дизајниран за практичност и теренски способности, така да овие измени, овие две спротиставени намени и два спротиставени карактери, веќе му предизвикуваат кризи во идентитетот.

А екстериерот? Е тука веќе работите стануваат страшни. Тука веќе не станува збор за борба на само два различни карактери, туку на цели армии. Од комбинацијата на Mercedes-Maybach маската со вертикални пречки, преземена од Maybach верзиите на S-класата, во комбинација со огромните мрежести отвори за вентилација преземени од Mercedes-AMG верзијата на S-класата, и сè тоа залепено на еден од практичните модели на Mercedes-Benz, станува јасно дека се работи за возило кое сака да биде и луксузно и спортско и практично, но толку несмасно ги комбинира трите карактеристики што поради тоа не успева да постигне ниту една од нив.

Дополнително, веројатно на GLS не му е доволно да ги претставува трите линии на Mercedes, туку мора да се обиде да преземе дел од карактерот на конкуренцијата. Rolls-Royce и Bentley, со нивните остро дефинирани и визуелно раздвоени површини претставуваат совршена подлога за различни делови од каросеријата да се обојат во различни бои. Но, иако Mercedes-Maybach GLS, со својата едноставна и тамбуреста форма, не претставува ни приближно добра подлога за такво нешто, тоа сепак не го спречува безобѕирно да ја ископира конкуренцијата. И кога на сето тоа ќе се залепат повеќе Maybach значки од на озогласените очила за сонце на еден поранешен македонски премиер, неизбежен е заклучокот дека ова возило постои само со цел на светот да му каже „Гледајте ме, чудете се! Платив повеќе од 200 илјади евра за автомобил“.

А, да! Возилото има и мотор. И тоа прилично добар мотор. Несомнено се движи брзо. Ама толку сме вчудоневидени од екстериерот што не можеме да најдеме зборови за други теми.

Mercedes-Benz е еден од најпочитуваните производители на автомобили во светот, и таа репутација навистина ја има заслужено со долга низа на извонредни возила во секоја категорија, од малечки седани, преку способни теренци и агилни спортски возила, па до државнички лимузини. Но дури и на најдобрите им се случува да згрешат. Но оваа естетска грешка веројатно е деловен погодок за Mercedes поради тоа што ова е возило кое нема да заработи многу пофалби, но ќе заработи многу пари. А производителите на автомобили сепак пред сè постојат за да заработуваат, а не да шират добар вкус.

Како што Томи Шелби, лик од серијата Peaky Blinders, изјави „Ова е Бирмингем. Добриот вкус е за луѓето кои не можат да си дозволат сафири“ така веројатно и дизајнерите на Mercedes заклучиле „Ова се Москва, Ријад, Шангај… Добриот вкус е за луѓето кои не можат да си дозволат Mercedеs-Maybach”.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *